Ако твојот збор не е лек, барем нека не биде ни отров

„Јазикот коски нема – ама коски крши“ – ова многу често го слушав како дете, иако секогаш самата реченица ми беше многу чудна.

Но, за жал, гледам дека денес и многу возрасни и зрели луѓе не го сфаќат значењето на реченицата. Па така еднаш ми кажаа дека е срамота човек да биде депресивен. И не само тоа, ми велеа дека морам да се соберам, дека чудно се однесувам. Дека сум незрела, дека треба да престанам да кукам. Дека сум мрзлива и неблагодарна.

Ми рекоа многу работи кои направија да се чувствувам ужасно, како да сум најлошото суштество на планетава. Како да сум личност која не заслужува да живее и не заслужува да има нешто во животот. Ми велеа дека измислувам, дека треба да си го пополнам времето со работа и дека порано, пред 100 години, луѓе не пателе од анксиозност и депресија и дека сите биле живи и здрав. Со секој таков коментар пропаѓав сè подлабоко. Со секој таков коментар, јас се отуѓував од светот, се затворам во мојот свет и тонев во моите душевни немири.

Немарно, со цигара во рака, додека ги чепкаат мобилните телефони или си го пијат кафето, луѓето изговоруваа многу тешки и сериозни зборови. Само оној кој доживеал панични напади знае што значи секое утро да се будиш со тежина во градите. Секое утро е ново умирање. Паника. Потење. Болка. Желба да ме нема. Го земам телефонот и немам кому да се јавам, затоа што сите мислат дека не ми е ништо. Дека си замислувам. И не сакаш да зборуваш, затоа што им веруваш. Најлошото е што на крај пак им веруваш, па така уште полошо се чувствуваш. Се чувствуваш немоќно, како да се опколен со непријатели од сите страни.

Луѓето кажуваат сè и сешто, а потоа продолжуваат со својот живот, а ти остануваш да ги собираш парчињата…

И твојот живот запира. Сите мислат дека твојот проблем е тоа што не работиш доволно или што не излегуваш колку што би требало или тоа што не земаш книга во раце. Сите мислат дека си мрзлива. Но, не си. Се бориш сама со себе. Се бориш со тоа чувство, се бориш со она што ти одзело години од животот.  Додека конечно не пресечеш и не се обратиш на стручно лице. Да побараш помош од некој кој се образувал за тоа. Не од блогери, инфлуенсери и слични ликови. Туку од експерт. Од личност која прави да се чувствуваш сигурно, личност на која ѝ веруваш, која знае како да си помогнеш, затоа што таа личност знае како да ѝ помогне на твојата душа. И така, чекор по чекор, ти станува подобро.

А колку луѓе немаат кому да се обратат и завршуваат трагично? Анксиозноста и депресијата не се измисици. Не се досада. Не се мрзливост. Тоа не е нешто што проаѓа само од себе. Не постои магично стапче. Депресијата не е „болест на безработниците“. Депресијата не е привлекување внимание. Депресијата е најопасната чума која покосува животи. Секој ден. Со себе однесува нечии родители, деца, пријатели.

Еден ваш грд збор, една осуда, критика, може да поттурне некој кој веќе бил на работ.

Еден ваш грд збор во продавница може да скрши некој кој едвај собрал сила за да отиде до продавница.

Бидете добри кон луѓето, не ги земајте насмевките здраво за готово, не мислете дека некому е добро само затоа што не кука. Не мислете дека некому е добро затоа што наизглед има совршен живот.

И кристалот е совршен, па лесно се крши.

Еден ваш убав збор може да промени нечија реалност, затоа што некогаш една сламка за спас е доволна за некој да одбере подобро за себе.

Да одбере живот.

„Ако твојот збор не е лек, барем нека не биде ни отров“ – а ова се надевам дека сите го разбираме.

Author: P E

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *