Вести од утрешниот ден – 14ти февруари 2021

Прочитајте кои се вестите што ќе ни се случат утре, а не сте ги ни сонувале дека ќе се случат, исто како авторот на текстов. Читајте внимателно. Текстот е фикција/фантазија/козерија…или?

Почитувани, денес е 14ти Февруари 2021 год., а ова се најважните настани на денот:

– Денес Премиерот Заев свечено се фотографираше со 500.000от граѓанин на Македонија кој ја прими вакцината „Спутник-V“ против Ковид-19. Со ова Македонија го постави рекордот во брзина на вакцинирање на едно население во Европа. По тој повод среќниот примач на оваа вакцина доби автомобил, оној кој почнува на буквата М – односно еден убав, малку возен, Бентли.

– Попладнево, Македонски Пошти , ја испорача првата пратка помош во вакцини за Србија, Бугарија и Грција. Трите земји ќе добијат по 100.000 вакцини од производителот Астра-Зенека, затоа што нашата Влада одлучи да ги сочува најдобрите руски вакцини за своите сограѓани. Директорот на Македонски Пошти, г-дин Макрадули очекува пратката да стигне во вечерните часови во главните градови на 3те соседни земји, со што се потврдува неверојатната брзина на достава на пратки Македонски пошти, нешто помалку од 5 часови.

– На утринската лидерска средба кај Претседателот Пендаровски, на разговорите за Законот за Лични Карти, беше конечно утврдено што се ќе стои на новите лични докуенти, после извршениот попис.Покрај државјанството, и етничката припадност, ќе стои и бројот на чевли на лицето, името на неговата сопруга, и никнејмот за Телеграм групата „Скришна Соба“

– Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ , Христијан Мицкоски, на екстра вонредниот конгрес кој го закажа утринава на прес конефренција во 9.00 часот, а се одржа во 9.30 часот, во конкуренција од само 1 учесник – самиот тој, и 11 делегати, ја однесе убедливата победа со 360 гласа за , наспроти 234 против, со што останува лидер на партијата во наредните 11 години.
Еден од 11те делегати постави прашање по прогласувањето на победата, како е можно од 11 делегати да се добијат речиси 600 гласа, по што лицето кое го постави тоа прашање веднаш беше исклучено од партијата и му беше уплатен 3 дневен полн пансион во Хотел Мериот во Скопје, и веднаш упатен надвор од седиштетот на ВМРО-ДПМНЕ

– Како никогаш досега, во Скопје и низ главните патишта, огромниот снег кој падна вчера е исчистен.Сите улици во главниот град се суви како да е лето, а на денешната прес конференција, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов изјави дека подасфалтното греење кое беше поставено минатото 2020 лето, било вклучено на време, така да Скопјани се движат и возат без никакви проблеми

– Убавата министерка Захариева во вчерашнотo гостување во вестите во 6 на Канал 5 ТВ, ексклузивно изјави дека таа и целата Бугарска нација имаат всушност македонски корени, при што јавно , со солзи во очите, при што малку и се змаглија очилата, и се извини на целата наша нација, и потврди дека сите забранети македонски друшта во Бугарија ургентно ќе добијат статус на политички партии, за да можат да учествуваат на престојните избори кај нашиот источен сосед.

Тука за жал мораме да ги прекинеме овие вести, од причина што авторот на овој текст беше брутално разбуден од членови на своето семејство, кое го форсираат да се симне пред влезот на својата зграда, и заедно со соседите , да се обидат да ја отворат влезната врата која е блокирана од натрупаниот снег.

Текстот е фикција/фантазија и не го одразува расположението на авторот на истиот.

Author: admin

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *