Зошто не сме како сите нормални парови?

Прашање кое ми прелетува низ мислите како ладен ветер кој го наежува секое влакенце на моето тело на начин на кој ја замрзнува крвта во вените. Прашање чиј одговор нкогаш нема да го добијам од тебе, но уште помалку од себеси бидејќи немам претстава што е ова нашето.

Зошто да не бидеме како сите нормални парови кои си изразуваат чувства, туку со караница да ги влечеме еден од друг како со клешта од јазикот? Зошто да не ме прегрнуваш секогаш кога ќе посакаш во толпата пред другите како што тоа го прават паровите кои се движат пред нас? Љубоморна сум им знаеш? Безобразно љубоморна на нивната љубов и предаденост иако знам дека кај некои е само извештачена и умислена со долго вежбани потези во фазата на монотонија и несреќа.

Но, сепак, зошто да не ми кажуваш дека ме сакаш на начин на кој тоа го читам во книгите? Зошто да не ме бакнеш во чело и да ми покажеш дека ме почитуваш туку мора на комичен начин со лесна шлаканица да ми покажеш дека тоа е така? Зошто да не ми дадеш комплимент кога сум убава, туку наместо тоа да си полн со забелешки кога нешто не изгледа убаво на мене? Зошто? Зошто да не ми се јавиш пред да заспиеш само за да ми го слушнеш гласот? Знам дека сакаш да го сториш тоа, но како беше она, ако навистина сакаш нешто ќе го направиш со причина, нема да бараш изговор?

Нема врска. Повторно милион прашања на кои нема одговор, повторно ќе потонат во сеќавањата се додека ти не најдеш начин да ме потсетиш и пак да предизвикаш прашалници во моите очи на чие место треба да блеска онаа искра од мојата љубов. Но, можеби избледна знаеш, можеби прашалниците долго време ја попречуваат нејзината перцепција и тек кои никако да се смират како бесно море на среде бура, за која си мислам, дека можеби никогаш нема да заврши.

Author: P E

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *