Интересно и во детали : Како функционира сетилото за мирис? ВИДЕО

Човекот може да разликува милиони различни мириси, но сте се запрашале ли некогаш како всушност тоа функционира?

Носот е навистина уникатно сетило, кое е почеток на дишниот систем во кој делува како одбранбен механизам, но и сетило за распознавање на мирисите.

Носот почнува со носната празнина која со надолжна носна преграда е поделена на две половини. Преградата во почетниот дел е изградена од ‘рскавица, додека при коренот на носот таа е ковчеста. Коската која го образува горниот дел од носната преграда е наречена рало. Секоја од двете носни половини содржи носни школки, кои го забавуваат движењето на воздухот. Преку парните носни отвори, наречени ноздри, носот комуницира со надворешната средина, додека преку хоаните остварува врска со голтникот.

Внатрешната слузокожа на носната празнина е покриена со трепчест епител, добро снабден со мукозни жлезди и разгранета мрежа од крвни капилари. Жлездите лачат мукус, лигава течност со бактерицидно дејство. Околу ноздрите, од внатрешната страна, исто така се наоѓаат и влакна чијашто основна функција е спречување на влегување на цврсти честички, прав и слично во носот. Ваквата градба овозможува вдишениот воздух да се затопли, навлажни и да овозможи елиминирање на честички од прав и разни микроорганизми од него.

Во задниот горен дел на носот, на сводот е сместен мирисниот епител кој содржи хеморецептори. Воздухот, минувајќи низ носната празнина затоплен и пречистен, преку хоаните се пропушта во голтникот. Под влијание на микроорганизми или разни хемиски неповолни дразби, доаѓа до зголемено лачење на мукус и до појава на кивавица.

 

Погледнете го видеото:

Author: P E

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *