Приказна која ќе го стопли вашето срце: На еден остров живееле Љубов, Богатство, Тага, Суета и Знаење

На еден далечен, осамен остров, среде океан, живееле убаво и во слога љубовта, богатството, тагата, суетата и знаењето. Живееле мирно на тој остров далеку од сите светски грижи и настани. Но, после многу векови забележиле дека нивниот остров полека, но сигурно исчезнува. Набрзо сфатиле дека островот забрзано тоне. Вознемирени тие ги спакуваат своите работи и тргнуваат полека да го напуштат својот убав, магичен остров кој со векови им овозможувал среќа, а денес забрзано тоне.

Единствено љубовта, постојана по природа, решила да остане. Единствено таа верувала и се надевала дека сето тоа е привремено и дека ќе дојдат подобри денови кога се ќе биде убаво и весело како некогаш. Меѓутоа, со текот на времето и љубовта сфатила дека нема надеж и дека мора и таа да го напушти својот дом. Ги спакувала и она малку убави работи полни со спомени, но, сега повеќе немало начин да замине од островот. Сите чамци, бродови и сплавови веќе отпловиле, а за правење на нови повеќе немало ни време. Љубовта започнала да повикува помош.

Некако во тоа време, случајноста го носи патот на богатството до љубовта. Љубовта се израдувала на среќната случајност и го замолила Богатството да го прими на својот брод:

“Прими ме те молам, островот тоне, ќе се удавам” – изјавила љубовта.

“Извини, но мојот чамец е полн со злато и драгоцени камења. Нема места уште и за тебе љубов. Доколку влезеш и ти, ќе потонеме” – изјавило богатството и заминало.

Љубовта започнала да ја фаќа паника. Островот се повеќе тонело и водата била речиси насекаде. Во паника, љубовта и понатаму повикувала помош. Тогаш на својот сплав наишла тагата. Љубовта се израдувала на стариот пријател па рекла:

“Тага, те молам спаси ме. Ќе потонеме заедно со ова наше островче. Би било штета светот да остане без љубов”.

“Жал ми е љубов” одговорила тагата, па додала “Толку сум тажна што не можам да те поведам со себе. Сакам да бидам сама. И да ја оставам љубовта далеку позади себе”.

На островот љубовта веќе ја фаќа очај. Не гледа начин да се спаси од незгодната ситуација во која се нашла и затоа што верувала во подобро утре. Меѓутоа, трошката надеж, или можеби е во прашање верата, се уште ја држеле силите да повикува помош. Нејзините звуци го привлекле вниманието на суетата која тогаш случајно поминувала.

“Поведи ме со тебе. Ти си ми единствената надеж”, ја замолила Љубовта.

“Не доаѓа во предвид! Види се каква си валкана и мокра, сакаш да ми го извалкаш чамецот. Самата си виновна. Сега сноси ги последиците. Убаво ти зборував додека се уште можеше”, дури и навредена заминала и ја оставила љубовта со нејзината тажна судбина.

Губејќи ја и последната надеж, љубовта се предала на судбината. Седнала на еден непотопен камен што останал од нивниот, некогаш голем и прекрасен остров и чекала да и таа исчезне под водата и со себе да ја однесе и неа. Во тој момент, од никаде се појавил некој странец во чамец.

Странецот и пришол сосем близу и и пружил рака на љубовта. Таа влегла во чамецот и тој ја пренел до соседниот остров. Тука љубовта излегла од чамецот, се заблагодарила и заминала понатаму. Дури после неколку метри сфатила дека не знае кој ја спасил. Се вратила и дотрчала назад до брегот, но чамецот со странецот веќе се изгубил на хоризонтот.

Тогаш љубовта го забележила знаењето како седи на брегот. Му се приближила и го прашала:

“Кажи ми знаење, кој е странецот кој ме спаси од сигурна см рт?”, знаењето ја погледнало, се насмевнало, па и рекло: “Како, зарем ти не знаеш? Тоа беше времето”, “Времето?”, запрашала збунето љубовта.

“Да, времето” одговорило знаењето, па додало: “Бидејќи единствено ВРЕМЕТО е способно да дознае колку е всушност ЉУБОВТА голема”.

Author: Р К

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *