Тато глуми дека јадењето е вкусно

“Гледаш ли сестричке, тато повторно глуми дека јадењето е вкусно.” Ова е реченицата која ја изустило малото момче на својата сестричка после семејниот ручек со нивните родители. А зошто? Прашало девојчето. Па така, тоа е светот на возрасните, глумат чувства само за да не ги повредат чувствата на другите, но јас не сум таков, не глумам пред тебе. Доколку тоа што ќе ми го зготвиш кога ќе бидеме возрасни е грозно, ќе ти кажам и заедно ќе заминеме во ресторан или ќе си порачаме пица. Тогаш посакувам да готвам грозно, се насмеало девојчето, а момчето било среќно што измамило насмевка на нејзиното лице.

Понекогаш тато глуми насмевка, а мама солзи, рекло тоа замислено. Се прашувам зошто тоа е така? Најверојатно јас и ти ќе го правиме истото кога ќе пораснеме, нели? Не, јас не сакам да глумиме, рекло девојчето. Животот не е претстава, а ние не сме актери, ние сме живи суштества од крв и месо кои заслужуваат да бидат искрени еден кон друг, заслужуваа среќа, како оваа нашата иако сме мали. Не знам како нашите родители можат да поднесат, да живеат еден таков живот под маски, рекло тоа натажено. Вети ми дека нема да бидеш тато, нема да глумиш насмевки кога ќе пораснеме. Ти ветувам, секогаш кога ќе бидам налутен ќе ти ја кажувам причината, но не сакам ти да глумиш солзи само за да ја придобиеш мојата љубов. Веќе ја имаш, бидејќи братската и сестринската љубов никогаш не умира, можеш само да се потрудиш да ја задржиш со твојата насмевка, ништо повеќе. А ќе ме сакаш ли секој ден, бато? Ќе те сакам, одговорило момчето. Како возрасните? Не, ќе те сакам навистина. Родителите на момчето го слушнале нивниот разговор и засрамено се погледнале меѓу себе. Од тој ден, неколку пати неделно јаделе пица, бидејќи ја сфатиле поуката од разговорот на нивните деца, но вистинското прашањето е што сфати од оваа приказна ТИ?

Author: P E

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *