Ти си љубов

Постојано ме потсетуваш дека треба да напишам некој љубовен збор за тебе, но не оди тоа така, кога јас сакам. Прво треба инспирацијата да тропне, а потоа да ја пуштам да влезе во моето срце, да прочепка внатре, да те пронајде, бидејќи верувај скриен си како мало богатство кое се плашам некој да не ми го украде.

Но, сепак си човек, може секој (секоја) да те украде, се зависи од тебе, моето срце не игра никаква улога, само знај дека секогаш можеш да се засолнеш во него кога ќе посакаш, без разлика дали ме сакаш. Кога некој сакаш, секогаш ќе има за него место во твоето срце, срцето е големо, ја збира сета љубов на светот, знам бидејќи јас го сакам светот иако тој ниту ме познава, а камоли пак ме сака.

Но, љубов не е кога сакаш и чекаш да ти биде возвратено, љубов е кога сакаш и не бараш ништо за возврат, љубов е кога ја отфрлаш резервата, безрезервно. Ти ја отфрли ли резервата? Љубов е кога сакаш со цело срце, не плашејќи се дека ќе ти препукне, љубов е тоа што го чувствувам јас кон тебе, а не барам истото да го чувствуваш и ти кон мене. Тоа е слобода, љубовта е слобода. Ако сакаш и се чувствуваш заробено, тоа не е љубов. Ако сакаш и се чувствуваш слободен дури и кога срцето ти е зафатено, тогаш е љубов. Ти си љубов.

 

 

Author: P E

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *