Трамп може да направи хаос за 70 дена

Доналд Трамп одбива да го признае поразот на претседателските избори против демократскиот противник Џо Бајден, тврдејќи дека резултатот е последица на масовна изборна измама.

Затоа, многу медиуми во САД и низ светот прашуваат колкава штета може да направи Трамп до 20 јануари, кога Бајден треба официјално да го замени на претседателската функција, ако не дојде до вистински невиден пресврт.

CNN пишува дека одбивањето на Трамп да признае пораз нема да го спречи преземањето на власта од страна на Бајден, но дека „блокадите на пат“ што администрацијата на Трамп во заминување ги поставува за следната, може да предизвикаат сериозни проблеми. Со други зборови, прашањето не е дали Трамп заминува, туку колкав хаос може да предизвика при заминувањето.

Судските процеси за изборни нерегуларности поднесени од штабот на Трамп во сојузните држави клучни за овие избори, пред сѐ Пенсилванија, и неофицијалните обвинувања за местење гласови што тој и неговите сојузници енергично ги споменуваат овие денови, покажуваат дека следните 70 дена ќе бидат во најмала рака еднакво турбулентни како и четирите години претседателски мандат на Трамп.

Трамп може да биде „lame duck“, што во американскиот политички жаргон е израз за актуелен претседател кој веќе не може да се кандидира повторно или ги загубил изборите, но и понатаму има целосни претседателски овластувања до следната инаугурација. Само непишани правила му налагаат да не ги користи, а сите знаеме дека Трамп е претседател кој, благо речено, не се грижи премногу за политичките правила и норми, пишани или непишани.

 

Федералната Управа одби да го потврди Бајден за претседател

Дури и федералната Управа за општи работи (GSA) сè уште не го признала Бајден за новоизбран претседател, поради што неговиот тим разгледува правни постапки против неа.

Според порталот Politico, шефот на Кабинетот на Трамп, Марк Мидоус, изјавил дека GSA веројатно нема да го потврди Бајден за победник барем до петок, а можеби и не многу подоцна од тоа, додека се чека федералните држави да завршат со пребројувањето на гласовите, како и пребројувањето во оние држави каде што водството е тесно или спорно, а спаѓаат во „клучните“ држави.

 

Во борбата Трамп го ангажираше и својот министер за правда Вилијам Бар, чија функција треба да биде неутрална според американските политички норми, бидејќи тој истовремено е и главен државен правобранител. Но, Бар вчера испрати писмо до федералните обвинители со кое ги овласти да истражат „основани обвинувања за изборни нерегуларности и запишување на гласови“, повикувајќи ги да не ги испитуваат „избрзаните“ обвинувања, додавајќи дека тој самиот „веќе го сторил тоа во конкретни случаи“. Тој барем во своето писмо не презентираше докази за наводна изборна измама.

Уште пред изборите Трамп одби да прифати можен пораз

Во септември, еден новинар го праша на прес-конференција: „Ако победите, изгубите или се повлечете од изборите, дали сега и тука би се обврзале на мирен трансфер на власта по изборите?“

„Ќе мора да почекаме и да видиме што ќе се случи“, одговори тогаш Трамп, по што додаде, „искрено, нема да има трансфер на власта, туку само продолжение“.

И кога од Трамп беше побарано на првата од двете претседателски дебати да ги повика неговите приврзаници да го прифатат резултатот и да останат смирени во случај на пораз, тој даде одговор кој загрижи многумина: “Ги повикувам да гласаат. Се надевам дека изборите ќе бидат фер, но ако видам манипулација со десетици илјади гласови, не можам да се согласам на тоа. Тие мамат. Најдени се гласачки ливчиња од Армијата во ѓубре“.

За потсетување, Трамп се прогласи за победник ноќта на изборите, додека пребројувањето на гласовите беше далеку од завршено, веројатно свесен дека дописните гласови ќе му донесат пресврт на Бајден. На крајот на краиштата, самиот Трамп упорно го презентираше поштенското гласање како несигурно и ги одвраќаше своите гласачи од овој вид гласање, а демократските гласачи генерално се повеќе склони да гласаат по пошта отколку републиканците. Трамп побара веднаш да се запре броењето на гласовите и да не се земат предвид гласачките ливчиња добиени по пошта по затворањето на избирачките места.

„Сценариото Судниот ден“ засега се остварува

А, предвремената – и целосно неоснована – изјава на Трамп дека победил, што подоцна ја повтори и на Twitter, е во согласност со она за што предупредуваа аналитичарите, нарекувајќи го „Сценариото Судниот ден“ или „Кошмарно сценарио“. Според тоа сценарио, Трамп би ја искористил т.н. „црвена фатаморгана“, односно неговото водство пред пребројувањето на дописните гласови, за прогласување победа, по што ќе ги обвини демократите за најголемата кражба на гласови во американската историја, а министерот за правда Бар ќе отвори истрага за оваа наводна изборна измама со дописните гласови. Сето ова, како што гледаме, веќе се случи.

Но, она што следи во ова сценарио е особено алармантно. Републиканците на Трамп во сојузните држави како Мичиген, Висконсин, Пенсилванија или Аризона, може да испратат гласачи да гласаат за Трамп, и покрај официјалната победа на Бајден во тие држави, повикувајќи се на наводна кражба на избори. Ваквата одлука, донекаде неверојатна, не би била во спротивност со американскиот устав затоа што не ги обврзува гласачите да гласаат за победникот на изборите. Поддржувачите на Трамп, пак, може да ги објават личните податоци на електорите кои треба да ги дадат гласовите за Бајден (што на англиски се нарекува doxxing), заедно со лажни обвинувања дека тие се платеници на Сорос или дека се поврзани со измислениот педофилски синџир против кој се бори Трамп.

Левичарите и гласачите на Бајден излегуваат на улиците со барање Трамп да признае пораз. Како и обично, повеќето демонстранти се мирни, но малцинство е насилно. Трамп ги повикува своите приврзаници, од кои некои се милитантни и вооружени, и тие да излезат на улиците. Избувнаа насилни судири меѓу двата табора, има ранети, но и мртви. Двете страни меѓусебно се обвинуваат за насилството, исто како и претходно.

И тогаш сè е можно – дури и испраќање на армијата на улиците и прогласување вонредна состојба, односно воен закон со цел да се запре крвопролевањето. И тогаш, теоретски, Трамп би можел, ако на некој начин го суспендира Уставот, да остане во Белата куќа и по 20 јануари.

 

 

Author: P E

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *