Фотографијата никогаш не се менува

Си направив кафе, го ставив во мојата омилена шолја и почнав да го набљудувам. Ме фасцинираше пареата, како полека се тегне во воздухот и заминува низ отворениот прозорец од каде влегуваше утринската светлина на сонцето.

Пареата и светлината беа совршена комбинација, испреплетени со острината на ладниот воздух тоа утро. Посегнав по апаратот сакајќи да го овековечам тој момент. Тогаш сфатив зошто сум толку опседната со сликање на сè што ми е убаво. Сфатив зошто сакам да го овековечам секој момент кој ме радува, а тоа е така бидејќи не сум сигурна дека повторно ќе го доживеам. Момент кој можеби би ме утешил во депресивните, врнежливи денови. Имам таков албум со многу моменти овековечени на слика, секогаш ја имаат онаа иста убавина и емоција за разлика од луѓето.

Луѓето се менуваат, исто и нивните емоции и физичка привлечност. Но, фотографијата, таа останува иста. Листајќи ги сите тие моменти во албумот на сеќавањата. сфатив и дека фотографијата никогаш нема да те остави, сè додека ти не ја скинеш на парчиња, таа секогаш ти дава шанса, те освојува одново и одново, за разлика од луѓето кои кога еднаш ќе те освојат, им здосадуваш.

Ете затоа сум опседната со фотографирање на сè што ми е убаво, бидејќи сакам да уживам во таа убавина и сакам таа да трае вечно, кога веќе емоциите и луѓето не се такви. Го сакам фотографирањето, бидејќи иако луѓето се менуваат, фотографијата никогаш не се менува. Таа е вечна.

Author: P E

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *