Џеј ќе биде погребан по муслимански обичаи, но со икона од Света Петка

Иако е роден како муслиман, Џеј одел во православни цркви.

Легендата на народната музика, Џеј Рамадановски, ќе биде погребан во петок, на 11. декември во Алејата на заслужни граѓани на новите гробишта во Белград.

Како што дознаваат српските медиуми, Џеј ќе биде погребан по муслимански обичаи, но и со икона од Света Петка.

Пејачката и блиска пријателка на Џеј, Мина Костиќ, потврдила за српски Телеграф дека Рамадановски ќе биде погребан по муслимански обичаи и со икона од Света Петка, на која и се молел.

Џеј е роден како муслиман, но одел во православни цркви и зборувал дека “Бог е еден”.

Редовно посетувал и капела која е посветена на Света Петка, црквата Ружица на Калемегдан, додека во џамија бил само неколку пати.

Размислувал за промена на верата

-Роден сум во мешано семејство. Бидејќи татко ми бил муслиман, а мајка ми била христијанка, јас сум, како што обично се случува во таквите случаеви, како дете ја наследив верата на татко ми. Девет години од своето детство го поминав во дом за сирачиња. Растев на улица и не бев во можност да размислувам за тоа дали на некој ќе му кажам дека сум католик, православен или муслиман. Едноставно, тоа не ми беше толку важно, но како годините поминуваа, станував се побожен – изјавил Џеј во една прилика.

-Често, моите драги пријатели ме канеа да им бидам кум, како на венчавките, така и на крштевките, а јас морав да ги одбијам бидејќи не сум крстен. Тоа секој пат ме растажуваше бидејќи некои од нив ги сакам како да се мои родени браќа. Иначе, многу сум побожен и редовно одам во црквата на Света Петка каде што палам свеќа за своите најблиски. Едно време во неа одев секој ден, додека во џамија сум бил само неколку пати – изјавил пејачот.

-Во животот навистина ништо не планирам. Јас сум човек кој сите одлуки, а поготово оние важните, ги донесува во момент, па така ќе биде и овој пат. Би сакал работите да ги поставам така да кога некој следен пат ќе ме повика да му бидам кум, тоа да можам да го прифатам без никакви проблеми. Во суштина, уште пред неколку години решив дека нема ништо да менувам под старите денови, но по прашање на верата веројатно ќе направам исклучок. Понекогаш во шега велат дека тоа го повторувам со години, па може да се случи и да умрам вака како што сум роден. Не е важно на кој Бог му се молиш доколку во него и во она што го правиш искрено веруваш, ако срцето и душата ти се чисти како солза – зборувал Рамадановски.

Иначе, по муслимански обичаи, за телото да се подготви за погреб, тоа мора да се измие и покрие, а по правило капењето го извршуваат блиски личности кои се со ист пол како починатиот.

За покривање, односно обмотување се користат 3 платна – долно, горно и големо за целото тело.

Телото се става во платно и се закопува без ковчек, на десниот бок или грбот. Да се потсетиме, Џеј почина во својот дом на Дорчула на 6. декември, откако во сон му прекинало срцето. Екипата на Итна помош пристигнала во станот на Џеј, каде го реанимирале, но за жал, без успех.

Author: Р К

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *